Инфодемија

Hello world, денес е светскиот ден на здравјето, #WorldHealthDay

Им го честитаме 7-ми април на сите здравствени работници со порака од Светската Здравствена Организација – Ковид-19 ни покажа дека НИКОЈ не е безбеден сѐ додека СИТЕ не се безбедни.

Воедно, во пресрет на светската недела за имунизација, 24-30.04, го составивме овој текст во надеж дека паралелно со пандемијата, успешно ќе се избориме и со т.н. “инфодемија”, односно антивакциналното движење, кое за жал деновиве зема сѐ поголем замав.

Вакцините се едно од големите медицински достигнувања на минатиот, 20-ти век, имајќи го предвид нивниот фундаментален придонес за искоренување на претходно широко распространетите заразни болести и смалувањето на смртноста меѓу населението ширум светот.

За жал, и покрај обемните докази и научниот консензус дека вакцините се неопходни и безбедни, антивакциналното движење во изминативе 2 децении од 21-виот век зема сѐ поголем замав, поради што континуирано опаѓа стапката на имунизација меѓу населението ширум светот и се отвора простор за повторно појавување на претходно искоренетите заразни болести, како што се на пример сипаници (морбили, рубеола).

Антивакциналното движење доби клучна поткрепа по објавувањето на озлогласената студија од страна на Andrew Wakefield за наводната поврзаност меѓу вакцините и аутизмот во 1998 година, а во последно време доби на сила користејќи ги социјалните медиуми како канали за комуникација.

Медицинската експертиза е доведена во прашање насекаде во постмодерниот свет, не само кај нас, така што подемот на антивакциналното движење меѓу општото население, особено за време на глобална пандемија, која може да биде разрешена само со развој на безбедни и ефикасни вакцини, е најблаго речено загрижувачки.

Дозволете да направиме куса скица за врската меѓу пандемијата Ковид-19 и паралелната “инфодемија” на антивакциналното движење и да претставиме правилни информации од витално значење за пошироката јавност.

Антивакциналните профили на социјалните медиуми пораснаа во вкупен број на следбеници за најмалку 7-8 милиони лица почнувајќи од 2019 година до сега.

31 милиони лица следат антивакцинални групи на Facebook, а 17 милиони лица се претплатени за профили со слична содржина на YouTube.

Антивакциналното движење остварува годишен приход поголем од 1 милијарда долари за социјалните медиуми. Најмалку 989 милиони долари се само за Facebook и Instagram, воглавном преку таргетирано рекламирање на 37-8 милиони следбеници на антивакциналните профили.

Онлајн антивакциналното движење е поделено во 4 групи, кои понекогаш меѓусебно се препокриваат.

Првата група се активни лобисти кои работат полно работно време создавајќи недоверба во вакцините, но тие допираат до само 12% од вкупната публика која го следи антивакциналното движење.

Втората група се претприемачи кои таргетираат приближно 50% од следбениците на антивакциналното движење, т.н. “антиваксери”, со реклами за производи кои наводно имаат поволни ефекти врз здравјето.

Теоретичарите на заговор се третата група.

Конечно, четвртата група се всушност заедници кои имаат релативно мал број следбеници и воглавном може да се најдат на Facebook.

Од друга страна, јавното мнение за вакцините може да се подели во 3 категории.

Првата категорија се лицата кои се убедени во целисходноста на вакцините. Оваа категорија во светски рамки опфаќа помеѓу 10% и 20% од населението.

Втората категорија се догматичните антиваксери.

Помеѓу овие две категории има и трета, која се состои од лица што се неопределени, а која воедно е и најбројна.

Приложуваме скица за натпреварот во мислења и ставови околу вакцините кој секојдневно се одвива во рамки на глобалното членство од преку 3 милијарди корисници на Facebook. Во центарот на скицата е неверојатна мрежа која опфаќа повеќе од 100 милиони лица, распоредени во динамични, меѓусебно поврзани кластери ширум градови, држави, континенти и јазици. Иако се дефинитивно помалку на број, антивакциналните кластери успеваат да останат широко поврзани со неопределените кластери во главната онлајн мрежа, додека кластерите кои се за вакцинација навидум како да мируваат на периферијата.

Оваа скица укажува и предупредува дека неодамнешните експлозии на антивакцинални ставови долго ќе одекнуваат и во деценијата која штотуку започна.

Се надеваме дека заклучоците кои може да произлезат од оваа скица ќе бидат вградени во новите здравствени политики со цел да ги намалат или целосно сопрат негативните ставови за вакцините. Најпотребно е да се адресираат неопределените лица и да се подигне јавното мислење за клучните прашања од областа на здравствена култура, пред сѐ вакцините.

РЕФЕРЕНЦИ

Burki, T., The online anti-vaccine movement in the age of COVID-19. The Lancet Digital Health Volume 2 Issue 10, e504-e505 (October 2020) https://doi.org/10.1016/S2589-7500(20)30227-2

Johnson, N.F., Velásquez, N., Restrepo, N.J. et al. The online competition between pro- and anti-vaccination views. Nature 582, 230–233 (2020). https://doi.org/10.1038/s41586-020-2281-1

Germani F, Biller-Andorno N (2021) The anti-vaccination infodemic on social media: A behavioral analysis. PLoS ONE16(3): e0247642. https://doi.org/10.1371/journal.pone.0247642

Категории
Архиви