Ексклузивно интервју со сопствениците на Поликлиника Манолеви
П-1
- Поликлиника Манолеви е основана во 1993 од д-р Никола Манолев и д-р Павлина Манолева и постои веќе 30 години. Кажете ни малку повеќе за тоа каков предизвик е да се одржува беспрекорна репутација на една поликлиника по толку години?
О. Да се основа приватна здравствена установа од речиси ништо, само со знаење како основа за успех, со цел да се понуди високо стручно ниво , пред 30 години, во време кога се случуваа, и сеуште се случуваат динамични промени во здравствениот систем, не е лесно и бара огромен личен и колективен влог.
Гледано од денешна перспектива, нивото на стручност кое сме го поставиле е она кон кое сме се стремеле и целта која ги водела нашите родители, а сега не води и нас понатаму.
Репутацијата е вонвременски предизвик кога станува збор за стручноста и чесното работење. Ова е посебен предизвик кој не е едноставен ако се земат во предвид сите влијанија во здравствен систем кој постојано транзитира и се обидува да ја најде неговата стабилност со цел да овозможи високо-квалитетно здравство за пациентите.
П-2
- Колку пациенти брои Поликлиниката моментално и кои сѐ застапените гранки / услуги кои ги нудите?
О. Бројот на матични пациенти во моментот е блиску до 6000. Матичната/семејната медицина е основната (базична) гранка од која сме се развиле и која е основа на работата. Таа е надополнета со лабораториската дејност која овозможува брза дијагностика и третман на пациентите.
Останатите гранки кои се дел од Поликлиниката се специјалистички и ги вклучува педијатрија, интерна медицина и гинекологија. Педијатријата е нашата прва и најголема гордост која перзистира од самиот почеток и семејно веќе втора генерација во поликлиниката успешно се практикува оваа важна специјалистичка гранка.
Интерната медицина веќе цела деценија нуди високо квалитетна и стручна здравствена заштита на возрасната популација, а гинекологијата како последно основана специјалистичка гранка го заокружува концептот на давање здравствена заштита на уште една вулнерабилна и значајна популациона група.
П-3
- Како се родила идејата да се основа Поликлиниката?
О. Идејата за основање на Поликлиниката е родена многу одамна, дури и пред да се добие независноста на Македонија. Идеен творец е д-р Никола Манолев кој за жал, во годината и месецот кога требаше да прославиме 30 години нѐ напушти. Со верба во високата стручност, но и желбата да се помогне на обичниот граѓанин, Манолеви е основана најпрвин како педијатриска и матична амбуланта, за да потоа прерасне во Поликлиника на примарно ниво.
П-4
- Што е најголемиот предизвик за да се води една поликлиника во денешно време, а која е најголемата награда?
О. Има повеќе предизвици кои паралелно треба да се водат.
Чесноста во работата и стремежот за висока стручност е првиот предизвик. Тука се ставени на тест сите вработени. Успехот зависи од менаџментот на поликлиниката, но и од личните амбиции и стремежи на здравствениот персонал во насока на лична надградба и вложување.
Вториот и актуелен предизвик е човечкиот потенцијал. Во услови на светска миграција на здравствените работници поликлиниката не е поштедена од ваквите промени, но од друга страна не можеме да кажеме дека имаме преголеми осцилации. Она што мора да го потенцираме е фактот дека младите лекари и сестри ги препознаваат вредностите на Манолеви и сакаат да го прифатат предизвикот за едукација и вложување спрема пациентот.
Најголемата награда е несомнено доброто здравјето на пациентот и благодарноста која тие ја искажуваат. Човечкото здравје нема цена, па така и благодарноста (која има многу лица) на пациентот е бесценета.
П-5
- Самата Поликлиника носи голема одговорност и подразбира многу посветеност. Како се балансира приватниот живот со толку динамична професија? Дали е предизвик да се најде време за себе, за одмор или за хоби?
О. Тоа се двете најтешки прашања кога треба искрено да ги одговориме. Приватниот живот во одредена смисла бара жртва и балансирање. Тоа е неминовно ако еден бизнис и ако еден лекар-менаџер работат посветено. Со добра организација може да се најде време за хоби и одмор. Секако дека тоа не секогаш се случува кога ние ќе посакаме, но далеку од тоа дека се нема време за приватните работи.
П-6
- Како и колку влијаеле семејните вредности во целиот процес од самиот почеток?
О. Семејните вредности се стожерот на работата. Не само од аспект на менаџмент туку и од аспект на односот помеѓу сите нас вработени во Поликлиниката.
Концептот на “семејна медицина за семејно здравје“ носи вонвременска порака, како за менаџментот така и за пациентот. Нашиот влог како семејство да се посветиме комплетно на работата е одлучен и нема друга алтернатива. Пациентите тоа го препознаваат и затоа се одлучуваат да ни го доверат нивното здравје.
Впрочем, фактот дека имаме фамилии кои лекуваат 4 генерации кај нас доволно говори за темелните семејни вредности и мотивацијата која произлегува од таквата доктрина.
П-7
- Како се одлучувате за медицина и дали родителите имале директно или индиректно влијание врз изборот?
О. Ова прашање е како прашањето дали е прво јајцето или кокошката. Многу веројатно дека семејната заложба за пренос на традицијата и лекар во семејството постоела. Сепак, како деца на двајца лекари никогаш не сме имале притисок дека мора да одиме на медицина. Можеби таквиот пристап, по линија на помал отпор, нѐ насочил да бидеме лекари. Ако повторно би требале да бираме, најверојатно пак би се одлучиле за медицина.
П-8
- Доколку не би го работеле ова, со што би се занимавале?
О. Многу веројатно со многу други работи.
Ако човек е воспитан да биде вреден, да работи и создава, нема да има проблем да ја работи било која работа бидејќи ќе биде посветен, а со тоа многу веројатно и успешен.
П-9
- Кој совет би го дале на младите студенти по медицина?
О. Да имаат верба во самите себеси и никогаш да не престанат да учат. Само така ќе имаат успех и почит од пациентот.
П-10
- Што може да очекуваме во иднина од Поликлиниката?
О. Поликлиниката се развива споро, но на квалитетна основа.
Дигитализацијата и олеснувањето на некои од потребите на пациентите ќе ни биде во фокусот. Свесни сме дека на тоа поле треба да подобриме одредени услуги. Не е лесно да се направи трансформацијата, но активно работиме на тоа поле.
Она што дополнително претстои е развивањето на центарот за остеопороза и метаболни состојби кој ќе треба да понуди високо ниво на дијагностика и следење на пациентите со остеопороза како и оние со метаболен синдром. Многу веројатно е дека и во доменот на педијатријата ќе има воведување на дијагностички методи.
Специјализирањето на младите лекари е нешто што последно го спомнуваме како очекување, но без дилема за нас едно од најзначајните нешта на што сме посебно горди. Тоа е гаранцијата за иднината на пациентите и на поликлиниката.
Слични статии
- Разговор со ас. д-р Димитар Калчовски на тема гинекологија, акушерство, генетика и…
- Интервју со д-р спец. Рашела Петковска, ПЗУ Дентиција
- Интервју Радица Грубовиќ
- Интервју Јасмина Калчовска
Tags/Keywords: здравство, семејна медицина, педијатрија, интерна медицина, гинекологија, грижа за пациенти, медицински иновации, Манолеви.