Модерм интервју со д-р сци. Наум Трпеноски

naumtrpenoski2

Модерм разговараше со брендот, докторот и пред сѐ човекот Наум Трпеноски, специјалист офталмолог, очен хирург и менаџер на Промедика Офталмологија.

Блиц факти за д-р Наум:

  • Прва операција на катаракта со фако-метода во нашето државно здравство.
  • Повеќе од 15.000 извршени операции на очи.
  • Предавач по повик на Воено Медицинската Академија во Белград.
  • Основач и претседател на МАКАРЕКС Македонското здружение за катаракта и рефрактивна хирургија.
  • Поле на интерес му се хирургијата на катаракта и глауком.
  • По потекло е од Вевчани и е горд на своето потекло.

1. Што Ве инспирираше да ја одберете токму офталмологијата како специјализација?

Љубовта кон офталмологијата потекнува од моите родители.

Мајка ми беше медицинска сестра во очната амбуланта во Струга , често одев таму и се заинтересирав многу за таа специјалност. Хируршкиот дел го засакав од татко ми Митре, кој беше врвен хирург кој специјализирал и супспецијализирал на Воено Медицинската Академија во Белград.

Баба ми Марица, која живееше со нас, исто така беше народен лекар “ортопед”, која местеше повредени екстремитети, а и таа занаетот го научила од мајка ѝ Понца, која во Вевчани пораѓала и исто така била народен “ортопед”.

Сопругата д-р Марина е исто така офталмолог. (ПЗУ Ординација по офталмологија ОФТАЛМОЛОГИКА Скопје, наша забелешка)

Син ми Јаков студира медицина, така што станува збор за една голема семејна традиција.

2. Со оглед на тоа дека самото Ваше име е веќе бренд, колку години едукација и искуство стојат зад Вас?

Веќе 18 години оперирам, значи имам едно полнолетство во своите операции. Својата главна едукација ја стекнав во Република Србија, каде специјализирав, а и при долгогодишното работење пред сѐ во (поранешната) Воена Болница во Скопје (денес ГОБ 8-ми Септември, наша забелешка).

3. Кој е најтешкиот дел од Вашата професија?

Најтешкиот дел од мојата професија е борбата со системот.

Јас сепак не сум само лекар, туку и менаџер во здравството. Еден сум од пионерите на приватната офталмологија во Република Македонија. Зад мене стои оформување на две приватни очни болници. Од кадар, до простор и опрема.

Менаџирањето на една приватна очна болница не е воопшто лесна работа. Освен доктор на науки по биомедицина, јас сум и магистер по здравствен менаџмент, но праксата сепак е доста потешка од теоријата.

Создавањето на тим со кој ќе работиш, следењето на трендовите во светската офталмологијата, за што треба голема волја, но и самостојното создавање на реални финансиски средства за сето тоа е доста сложена работа.

Една од моите должности е и да произведам и мои наследници во очната хирургија, што исто така бара голем ангажман од моја страна.

4. Како изгледа еден Ваш вообичаен работен ден?

Мојот работен ден почнува во 8 часот. Воведов седум часовно работно време во Промедика Офталмологија и тоа трае веќе три години,  на што сум особено горд.

Понеделник и петок сум во амбуланта, а вторник, среда и четврток оперирам обично по десет пациенти т.е. околу 30 пациенти неделно.

После 15 часот се посветувам на менаџирање на болницата, а тоа се набавки, маркетинг, технички работи и слично.

5. Според Вашите податоци, која е најчестата очна болест во Македонија, а која е најопасната?

Најчестата очна болест во Македонија, а и секаде во светот е катаракта, а најопасна е глауком т.е. покачениот очен притисок.

6. Кој совет би им го дале на сите оние кои сакаат да ја одберат офталмологијата како специјалност?

Би ги советувал дека едукацијата е најважната работа. Најважно е од кого ќе учат офталмологија, а уште поважно очна хирургија. Занает се учи само од добар мајстор, кој сака да го пренесе занаетот. Потребно е и технички да се образуваат за апаратите, но да имаат и храброст да работат приватно, каде сепак еден млад човек секако ќе може во потполност да го развие својот потенцијал.

Да бидат современи во работењето, да не се плашат од нови методи туку веднаш да ги следат и да учествуваат во нивното создавање.

Да бидат горди што припаѓаат на една нација како што е Македонската бидејќи сме совесни, емотивни, работливи и сме големи занаетчии. Ги имаме сите предуслови како народ за да бидеме најдобри на овие простори.

Да сфатат дека она што државата не ни го овозможува може самите на себе да си го овозможиме во приватниот сектор.

7. Колку е важен медицинскиот маркетинг за еден бренд како Промедика Офталмологија и што очекувате од Вашите маркетинг соработници?

Ако некоја работа добро ја работиш, треба на луѓето да им го кажеш тоа.

Тоа најдобро го може еден сериозен медицински маркетинг.

Едноставното објаснување на она што треба пациентите да го направат и управување на нивните очекувања од истото е важна работа. Тоа секако е работа на маркетингот, без кој не може ниедна сериозна здравствена фирма.

8. Што ја издвојува Промедика Офталмологија од останатите слични болници кај нас?

Јас сум растел и сум се развивал во поранешна Југославија. И сум Југоносталгичар. Таму секогаш Словенците, Србите и Хрватите беа пред нас поради тоа што купуваа повисока технологија и први ги почнуваа најновите методи. Одлучив да ја играм нивната игра. Целиот профит секоја година го реинвестиравме во нова и нова и нова технологија. Први воведовме 3D операции на катаракта. Го отворивме првиот кабинет за слабовидност со единствениот во Европа апарат Aмблиокор, кој го набавивме од  Санкт Петерсбург, Русија. Го отворивме првиот сериозен кабинет за дијагностика на суво око со LacriDyag апаратот, но и третман на суво око со апаратот EyeLight за ревитализација на липидниот солзен слој  и апаратот Rexon-Eye за ревитализација на водениот слој од солзите. Следуваше ласерот за витреолиза на тракасти мембрани во стаклестото тело. Бевме први во екс-ју просторот со овие апарати.

Особено сум горд и на таканаречениот QR code. Тоа е софтвер кој прави да на секое отпусно писмо веднаш после операцијата се вградува тој код и пациентот со клик од својот мобилен може да си ја гледа сопствената операција. Кај нас отпусното писмо од операцијата не е значи само слово на хартија. Тоа е вистински документарен филм од операцијата на пациентот. Фантастично, зарем не?

Таков фер однос лекар оператор – пациент нема во нашата држава, ниту во една поранешна ју република.

Особено различни нѐ прави и тоа што масовно ја воведовме употребата на мултифокални и мултифокални торични леќи. Тоа пред сѐ се должи на нашето знаење, но и на популарните цени кои ги имаме и се плод од нашето мото да работиме многу повеќе за да заработиме доволно.

Ретки се офталмолошките болници кај кои таканаречените леќи за блиску и далеку се 70 проценти од програмата.

Се разликуваме и по односот кон пациентите. Тимот на Промедика Офталмологија се состои од исклучително позитивен и шармантен персонал. Ние сме мултинационална екипа. Во тимот имаме и една Бугарка и една Албанка која живее на Косово. Ќе доаѓаат да оперираат Срби. Минатиот месец оперираше лекар од Турција. Секоја операција е проследена со убава музика. Работиме седум часа дневно. И по тоа сме единствени.

140 часа месечно. А не 160 часа како секаде.

Не си одиме уморни од работа.

Затоа и не ни е тежок ни следниот работен ден.

Персоналот е внимателно биран. Се состои од луѓе кои ги сакаат пациентите и си ја сакаат работата. Промедика Офталмологија е тим од добри и среќни  луѓе.

Најново достигнување ни е No Touch Excimer ласерот, кој погодувате  е нов и единствен ласер со таква технологија во државата. Третирањето  на глауком со отворен агол со единствениот SLT ласер за таа намена во Македонија станува наше секојдневие.

Единствени во здравството веднаш се отворивме за проектот Отворен Балкан и веќе од октомври очекуваме три врвни лекари од Србија значително да ја подобрат нашата понуда. И тие се задоволни што ќе работат на опрема која ја немаат во својата држава.

Некогаш на шега велам дека ние ќе бидеме како Вардар од 1986 година – шампиони на екс-ју просторот. Светот сепак го води ентузијазмот. А ние сме пред сѐ ентузијасти.

Се надевам догодина ова време да ни се оствари големиот проект, кој веќе го подготвуваме и кој е многу поголем од сегашната Промедика Офталмологија. Нека биде тоа повод за следно големо интервју наредната година.

Категории
Архиви