Што Значи Позиционирање На Производ?
Позиционирање на производ е еден од поважните елементи од маркетинг планот и активности, позади кој стои комплексен процес на истражување и анализа.
Позиционирање на производот значи да се најде најсоодветниот и најдобриот начин да се комуницираат важните атрибути на производот до целната група, земајќи ги во предвид индивидуалните потреби на потрошувачите, притисокот создаден од конкуренцијата, моменталната социо-економска атмосфера, купувна моќ и персонализирана комуникација директно до истите. Целта на позиционирањето на производот е потрошувачот да оформи позитивна и супериорна перцепција за производот во однос на конкурентните производи, која што ќе се основа врз личното искуство на потрошувачот и потоа да превземе акција (односно да го купи производот).
РАЗБИРАЊЕ НА НАВИКИТЕ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ
За да успешно може било кој бизнис да се поврзе со клиентите, или било кој бренд/проивод со потрошувачите, треба пред се да се има јасна слика за тоа кој е идеалниот клиент/потрошувач што ќе ги користи тие услуги или производи. За оваа цел, најважно е описот на тој потрошувач да биде специфичен и да вклучува што е можно повеќе детали. Возрастта, полот, ниво на едукација, локација, работни позиции, куповна моќ, хобија се само дел од спецификациите кои се потребни за ф
ормирање на целната група.
Секој бизнис треба да има свој модел на идеалниот потрошувач и внимателно да го разбере секој аспект од истиот, за да може да се избере соодветниот канал на комуникација до тој потрошувач. Се разбира дека доколку производот е наменет на пример за мажи кои што се спортисти и во нивните 30ти години, би било залудно производот да се промовира на повозрасни жени кои што се во пензија. Погрешно толкување или пак нецелосна сегментација на целната група и под-група, може да резултира во загуба на време, финансии и потенцијални потрошувачи.
ПРОИЗВОДОТ И КОНКУРЕНЦИЈА
За ефективно позиционирање, потребно е да сте запознаени со конкуренцијата и за оваа цел важно е да го разберете и познавате конкурентниот производ скоро колку и својот, како и нивната маркетинг стратегија.
Кога ќе идентификувате што е тоа што ве двои од конкуренцијата (цена, атрибути на производот, состав, продажни места, начин на користење итн.), вооружени сте со информации кои што ќе помогнат во позиционирање на вашиот производ над конкуренцијата. Дури и да се производите многу слични, секогаш има нешто што ќе ве двои, а задача на маркетинг професионалците е да се осигураат дека и потрошувачите можат да го видат тоа.
БИРАЊЕ НА КАНАЛОТ ЗА КОМУНИКАЦИЈА
Не е доволно да знаете што е тоа што ве разликува од конкуренијата, уште поважно е да знаете КАКО тоа да го комуницирате до вашата целна група, зошто во спротивно, информацијата нема да стигне до саканата целна група и нема да даде никаков резултат.
Не е случајност што во тек на спортски пренос на ТВ има реклами за автомобили, ниту пак зошто на социјалните мрежи излегуваат конкретни спонзорирани реклами што ве тераат да помислите дека вашиот мобилен телефон ве прислушкува. Напротив, тоа е само резултат на одличен маркетинг и конкретна сегментација на целната група. Ако некоја информација/ реклама стигнала до вас, тоа значи дека вие сте целната група за тој производ, а позади таа одлука стојат многу фактори, истражување и дефинирање, кое што некогаш може да трае со месеци за да се одреди конкретно.
ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ПОРАКАТА
Најпоследниот, а можеби и најтешкиот предизвик е да се формулира порака која што ќе биде испратена по соодветните канали и доставена до замислената целна група. Овие пораки се дизајнирани на таков начин што ќе пренесат точно како вашиот производ или услуга се поинакви и подобри од тие на конкуренцијата. Позади успехот на доставување на овие пораки кои што влијаат на одлуката за купување на потрошувачите, стои маркетинг тим кој што е обучен, искусен и полн со креативни решенија. За да се достигне посакуваната цел, сите овие елементи треба да бидат перфектно анализирани одделно, за да на крај целината претставува една слика за тој производ или бренд, која што ќе биде причината за да потрошувачите ве одберат вас!