Употреба на антибиотици

Во справувањето со Ковид-19, често слушаме дека дел од терапијата за лекување вклучува и разни, силни антибиотици. Важно е да се нагласи дека антибиотиците треба да се употребуваат исклучиво само по препорака на доктор.

Всушност, улогата на антибиотикот е да се бори со бактериските инфекции кои се настанати како последица од било каков вирус или заболување, но антибиотикот сам по себе не го убива вирусот.

По повод Европски ден за рационална употреба на антибиотици, би сакале да споделиме неколку важни информации поврзани со антибиотикот.

ШТО ВСУШНОСТ ПРЕТСТАВУВА АНТИБИОТИКОТ?

Антибиотик е онаа состојка која што спречува растење и реплицирање на бактеријата, или пак едноставно ја убива истата. Антибиотиците исклучиво ги таргетираат бактериите и бактериските инфекции на или во телото.

Се разбира, бактериите не се единствените микроби што можат да бидат штетни за нас. Габите и вирусите исто така можат да бидат опасни за луѓето, но истите не се лекуваат со антибиотици, туку со антифунгални и антивирусни препарати, соодветно.

Повеќето антибиотици што се користат денес се произведуваат во лаборатории, но тие често се базираат на соединенија што научниците ги пронашле во природата низ годините.

КАКО ФУНКЦИОНИРААТ АНТИБИОТИЦИТЕ?

Како што до сега објаснивме, антибиотиците имаат една единствена цел- да ги третираат бактериските инфекции. Некои антибиотици се специфични, односно се ефективни само при третирање на одредена бактерија. Додека пак, останатите кои се познати како “антибиотици со широк спектар”, односно напаѓаат голем опсег на видови на бактерии, дури и оние кои се таканаречени “добри бактерии”- корисни за човечкиот организам. Поради тоа често се препорачува при секоја употреба на антибиотици, да се користат и пробиотици кои ја надополнуваат нормалната гастроинтестинална флора.

Постојат два начини на кој антибиотиците ја таргетираат бактеријата- преку запирање на репродукцијата на бактеријата и преку убивање на бактеријата (односно запирање на механизмот одговорен за создавање на нивните клеточни ѕидови).

ЗОШТО СЕ ВАЖНИ АНТИБИОТИЦИТЕ?

Откривањето на антибиотиците претставува “револуција”, во начинот на третирање на инфективни заболувања. Во периодот помеѓу 1945та и 1972 година, просечниот животен век се зголемил за 8 години, благодарение на користење на антибиотици за заболувања кои пред тоа предизвикувале смрт кај пациентите.

Антибиотиците денес се широко достапни и употребувани во медицината и овозможуваат многу комплексни, хируршки зафати да се рутински ширум светот, со тоа што се користат по (а понекогаш и пред) одредени операции.

Доколку хипотетички, во светот снема ефективни антибиотици, модерната медицина би се вратила децении наназад и релативно мали и едноставни хируршки зафати и лесни заболувања би биле опасни по живот за пациентите.

АНТИБИОТИЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА

Антибиотиците со векови се користат како ефективен начин за третирање на инфекции- иако се до минатиот век луѓето не знаеле дека инфекциите биле предизвикани од бактерии. Разни мувли и растителни екстракти се користеле за третирање на инфекции уште од најстарите цивилизации. На пример, античките Египќани нанесувале мувлосан леб на инфицирани рани. Сепак, се до 20от век, некои од инфекциите кои денес се сметаат лесни за третирање (како пневмонија), во тоа време биле најголем причинител за смрт во развиениот свет.

КАКО БИЛЕ ОТКРИЕНИ АНТИБИОТИЦИТЕ?

Низ историјата, пронаоѓањето на антибиотиците и нивната намена се должи на исцрпната работа на бројни истражувачи, доктори, микробиолози, научници. Сепак, неколкумина се одвојуваат.

ПОЛ ЕЛРИХ

Научниците започнале да ги истражуваат и набљудуваат антибактериските хемикалии дури кон крајот на 19ти век. Германскиот лекар Пол Елрих, забележал дека одредени хемиски бои обоиле некои бактериски клетки, но не и други.

Елдрих заклучил дека водејќи се по овој принцип, сигурно е возможно да се создадат супстанци кои можат да убијат одредени бактерии селективно и притоа да не наштетат на околните клетки. Во 1909 година, тој открил дека хемикалијата наречена арсфенамин е ефикасен третман за сифилис. Ова стана првиот модерен антибиотик.

Тој своето откритие го нарекувал тогаш “хемотерапија”- користење на хемиски состојки при третирање на заболување. Но, 30 години подоцна, Американско-Украинскиот микробиолог Селман Ваксмен, прв пат го употребил зборот “антибиотици”. Вексмен има откриено повеќе од 20 антибиотици во својот работен век.

АЛЕКСАНДАР ФЛЕМИНГ

Шкотскиот микробиолог Александар Флеминг, за своите откритија поврзани со антибиотикот пеницилин, добил многу награди и признанија. Во 1945та година освоил и Нобелова награда а подоцна во 1999та година, е именуван како еден од 100те најважни луѓе во 20от век според магазинот Time. Како што опишал Флеминг, откритието на бензилпеницилин од мувлата Penicillium rubens во 1928 е најголемата победа некогаш освоена врз некоја болест.

Но, неговото откритие било случајност и благодарение на својата неуредност по која бил прочуен. Имено, по враќањето од својот одмор во 1928 во лабораторијата, забележал дека случајно ја оставил непокриена Петриевата шолја со стафилокока (Staphylococcus). Шолјата била опфатена со габа, која подоцна била утврдена како Penicillium notatum.

Флеминг забележал дека габата на Петриевата шолја создала делови без бактерија на шолјата, па по изолирање и набљудување на мувлата, открил дека Penicillium notatum се докажал како исклучително ефикасен дури и во многу ниски концентрации, спречувајќи го растот на стафилокока дури и кога се разредува 800 пати и бил помалку токсичен од дезинфекционите средства што се користеле во тоа време.

Научниците од Оксфорд имале голема улога во развојот на процесот на масовно производство, а Хауард Флори и Ернст Чаин ја споделиле Нобеловата награда за медицина во 1945 година со Александар Флеминг за нивната улога во создавањето на првиот масовно произведен антибиотик.

По многубројни истражувања во соработка со Британски фармацевтски компании, масовното производство на пеницилин било возможно, кое подоцна било подржано и од владата на САД. До крај на Втората Светска Војна, Пеницилин бил наречен “чудесниот лек” кој спасил многу животи.

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА АНТИБИОТИЦИТЕ:

  • Антибиотиците НЕМААТ никаков ефект врз вирусни инфекции, вклучувајќи настинка и грип
  • Антибиотиците можат да третираат САМО бактериски инфекции
  • Антибиотиците треба да се употребуваат како последна опција и само при третирање на тешки случаи
  • Цревната флора е особено чувствителна на антибиотици
  • Најлошата работа што еден пациент може да ја направи е да конзумира само неколку дози од препишаниот антибиотик.
  • Најновата и воедно, последна класа на воведени антибиотици е во 2003та година
    (Lipopeptides)

E-mail: info@moderm.mk

Web: www.moderm.mk

Facebook: https://www.facebook.com/moderm.mk/

Instagram: https://www.instagram.com/moderm.marketing/

LinkedIn: https://www.linkedin.com/company/modermmarketing/

Категории
Архиви