Интервју Радица Грубовиќ

Дозволете оваа недела, да Ви ја претставиме Доктор на медицински науки, супспецијалист Радица М. Грубовиќ Растворцева – Раководител на Иститутот за трансфузиона медицина Скопје и Претседател на Здружението на трансфузиолози на РСМ.

Во време на Ковид-19, кога целиот свет се труди да го олесни лекувањето од овој вирус, Д-р Радица меѓу другото, ја има одговорноста да ги мотивира оздравените лица да даруваат крвна плазма, а притоа да се заштити себеси и своите колеги. Сепак, одговорностите на Д-р Радица не престануваат по долгиот работен ден, таа ја има најважната и најодговорната задача која што успешно ја извршува и надвор од работното време – таа е мајка и сопруга.

1. Како жена која што има голема одговорност, не само како сопруга, мајка и медицински работник туку и како Раководител на Иститут за трансфузиона медицина – Скопје и Претседател на Здружението на трансфузиолози на РСМ, кој е најголемиот предизвик со кој што се соочувате во целиот овој изминат период?

О: Целиот свет се соочува со досега невидена пандемијата предизвикана од коронавирусот SARS CoV-2, кој се уште е голема енигма. Ние како главна трансфузиолошка установа во државата сме задолжени за навремено снабдување со доволни количини крв и крвни компоненти за лекувањето на болните и повредените пациенти. Mожеме да се пофалиме дека дури и во услови на пандемија крвниот прилив е цело време стабилен, што не беше случај во многу други држави. Грижата за здравјето на вработените всушност беше најголемиот предизвик во овој период. Горди сме што успеавме како установа која вработува околу 400 вработени, да ги заштитиме доволно и никој од нив да не се зарази на работното место.

2. Дарување на крвна плазма, односно плазмафереза, стана актуелна постапка при лекување од Ковид-19. Колку е од помош ваквата постапка и како точно помага при лекувањето?

О: COVID-19 е болест за која се уште нема потврдена терапија. Се прават многу обиди во светот да се најде вистинскиот лек и вакцина и по примерот на кинезите и американците решивме да почнеме со примената на конвалесцентната плазма во лекувањето на пациентите болни од COVID-19. Во крвната плазма на лицето кое било излечено од COVID-19 има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против оваа болест и таа плазма богата со антитела се нарекува конвалесцентна плазма.

Постојат верувања и се повеќе клинички истражувања го докажуваат тоа дека конвалесцентната плазма може да го олесни лекувањето и подобри исходот на болеста.

3. Справувајќи се со новонастаната ситуација која што е огромен предизвик за сите, а особено за некој како Вас кој што е во првите редови во борбата против Ковид-19, која е Вашата главна мотивација?

О: Мојата мотивација се моето семејство и општото доброто на луѓето. Кога почна пандемијата сите бевме исплашени, но работата со конвалесцентната плазма ми даде посебен елан, бидејќи знаев дека во многу тешко време, кога се бориме со невидлив и непознат непријател, можеби го имаме лекот кој што им е потребен на болните и кој ќе помогне полесно да се избориме со коронавирусот.

Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите досегашни донори на конвалесцентна плазма и да ги поканам идните потенцијални донори да се пријават за дарување на следниот линк: ДА ГО ПОБЕДИМЕ COVID-19 Дарувај плазма, спаси живот – Институт за трансфузиона медицина

4. Дали се соочувате со некакви предизвици поради тоа што сте жена на раководна позиција и доколку да, како се справувате со истите?

О: Раководните позиции не ги делам на машки и женски, тоа зависи од квалитетот на човекот. Има многу жени раководители, директори, министри, претседатели, па дури и владари на монархии кои многу поуспешно раководеле, односно владееле од нивните машки претходници. Предизвици секогаш има, но тоа е тоа што го носи со себе раководната функција, неврзано од полот.

5. Кој е еден совет кој што би го дале на секоја една девојка/жена за напредување на професионално поле, а притоа да не трпи персоналниот живот и семејството?

О: Секоја девојка/жена треба да знае во срцето дека семејството секогаш и е на првото место. Тогаш таа ќе знае да направи вистински баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Категории
Архиви