Светски ден на здравјето
7-ми април 2020 е светски ден на здравјето и оваа година ја славиме работата на медицинските сестри и акушерки и го потсетуваме светот и неговите лидери за клучната улога која тие ја имаат за одржување на здравјето на населението.
Медицинските сестри, рамо до рамо со останатите здравствени работници, се во првите борбени редови на фронтот против COVID-19 – пружајќи висококвалитетна грижа и нега, предводејќи го дијалогот во заедницата за одговор на најразлични прашања и стравови, а во некои случаи и собирајќи податоци за клинички истражувања.
70% од сите здравствени работници во светот се жени. Најголем дел од нив се медицински сестри и акушерки.
Медицинските сестри и акушерките насекаде имаат клучна улога во грижата за луѓето, вклучително и во време на епидемии, кризни состојби или конфликти.
Медицинските сестри и акушерките воспоставуваат однос со своите пациенти кој се заснова на доверба, познавањето на целосната слика за нечија здравствена состојба ја подобрува негата и штеди средства. Тие исто така најдобро ја познаваат традицијата, културата и обичаите во своите заедници, што ги прави незаменливи за време на епидемии или кризни состојби.
Треба да направиме многу повеќе, воопшто како општество, за да се осигураме дека медицинските сестри и акушерките можат да работат во средина каде ќе бидат заштитени, почитувани од страна на останатите медицински колеги и заедницата воопшто, каде нивната работа ќе биде интегрирана заедно со онаа на останатите здравствени работници.
Почитувани колеги:
– Искажете ја својата почит кон медицинските сестри, акушерките и останатите здравствени работници.
– Сослушајте ги нивните гледишта и разгледајте ги нивните идеи.
– Вклучете ги медицинските сестри и акушерките во донесувањето на одлуки.
Медицинските сестри и акушерките, рамо до рамо со останатите здравствени работници се во првите борбени редови на фронтот против COVID-19. Заблагодарете им се за нивната работа. Споделете со нас фотографии и видеа од и со медицински сестри, акушерки и останати здравствени работници или пациенти, кои објаснуваат зошто нивната работа е од витално значење.
COVID-19 ни покажа на сите колку е важно медицинските сестри да имаат пристап до најновите сознанија и насоки потребни за одговор во случај на епидемии. Исто така ни покажа итна потреба од критична заштитна опрема за нив, за безбедно да можат да пружаат нега и да ја намалат стапката на инфекција во здравствените средини.