Здравствено осигурување

Македонија е држава со национален (задолжителен или солидарен) систем за здравствено осигурување. Сепак, сѐ поголем е делот од здравствените издатоци кои се надоместуваат од сопствениот џеб на граѓаните, вклучително и користењето услуги од приватните здравствени установи, кои не се покриени од страна на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Ретки се осигурениците на ФЗО кои не платиле целосна цена за користење специјалистички услуги во приватниот сектор.

Пазарот за здравствено осигурување е обременет со многу слабости што придонесуваат за сериозно нарушување на пазарните законитости во областа на здравството, со далекусежни негативни последици.

Законот за доброволно здравствено осигурување беше донесен во 2012 година и со него се овозможи друштвата за осигурување да го спроведуваат преку нудење на пакети за: 1. дополнително или 2. приватно здравствено осигурување.

Извор: http://zdravstvo.gov.mk/ Закон за доброволно здравствено осигурување (Службен весник бр.145/2012, 7/2013 и 192/2015)

Доброволно ДОПОЛНИТЕЛНО здравствено осигурување

Договор за дополнително здравствено осигурување, според овој Закон, може да склучи секое физичко лице кое е веќе осигуреник во системот на задолжително здравствено осигурување и/или работодавачот за своите вработени и членови на семејства кои се осигуреници во системот на задолжително здравствено осигурување.

Од денешна перспектива, се покажа дека концептот за доброволно дополнително здравствено осигурување беше неуспешен, затоа што поголема мотивација да се осигураат од ризик имаше кај оние лица кај кои беше најголема веројатноста за појава на споменатиот ризик. Како резултат на тоа осигурителните компании или одбиваа да ги осигураат лицата кои претставуваат висок ризик или ги определуваа премиите на мошне високо ниво, што ги одвраќаше оние со помал ризик (на пр. помладите лица) од вакво здравствено осигурување.

Доброволно ПРИВАТНО здравствено осигурување

Приватното здравствено осигурување, како нов и најзначаен сегмент во Законот за доброволно здравствено осигурување, покрај другото, покрива користење на здравствени услуги во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи чии услуги се на товар на ФЗО, но и во рамки на мрежата на јавни здравствени установи, во делот на дополнителната дејност, за осигуреници кои бараат повисок стандард на здравствена услуга или пак побрза здравствена услуга (на пр. „прескокнување“ на листите за чекање).

Друштвата за осигурување на овој начин конечно беа вклучени како реална поддршка во системот за обезбедување на здравствена заштита, особено откако на почетокот од оваа, 2021 година, најпосле беа воведени и даночни олеснувања и стимулации за работодавачите или физичките лица кои склучуваат договори за доброволно приватно здравствено осигурување, што всушност најмногу придонесе за зголемување на интересот за овој вид осигурување во корпоративниот сегмент.

За разлика од неуспехот на доброволното дополнително, малку е различна состојбата со доброволното приватно здравствено осигурување. По слабата побарувачка во првите неколку години од носењето на Законот во 2012 година, последниве неколку години се бележи значајно поместување:

  • 2011 – 1,041 полиси
  • 2012 – 87 полиси
  • 2013 – 0 полиси
  • 2014 – 269 полиси
  • 2015 – 368 полиси
  • 2016 – 1,256 полиси
  • 2017 – 1,752 полиси
  • 2018 – 4,144 полиси
  • 2019 – 7,895 полиси
  • 2020 – приближно 5 пати повеќе полиси

Извор: https://aso.mk/ Агенција за супервизија на осигурување

Во текот на минатата 2020 година е забележан значителен раст кај доброволното приватно здравствено осигурување, па бројот на осигуреници се зголемил дури за 5 пати. Ваквите податоци го наметнуваат прашањето дали пандемијата ги натера граѓаните масовно да се осигуруваат?

Друштвата за неживотно осигурување најчесто го нудат овој осигурителен продукт со период на покритие од една година, а минатата 2020 година активно го продаваа 10 компании.

Како и да е, пред склучување на договор за дополнително приватно здравствено осигурување, пожелно е осигуреникот да побара повеќе информации, на пр. до кој износ ќе има покритие за ризикот, во кои установи и каков болнички третман би добил за премијата што ќе треба да ја плати.

Државата исто така може во голема мера да го унапреди дејствувањето на пазарот во здравствената заштита преку обезбедување информации и нивно пласирање како јавно добро за трошоците, за квалитетот и за резултатите од одделни видови здравствена заштита. Таа треба да ги обезбеди услугите за унапредување на јавното здравје, кои најчесто имаат карактеристики на јавни добра или добра со значителни надворешни ефекти (екстерналии – на пр. имунизација).

Категории
Архиви