Интервју Билјана Милојковска

Во низата на жени кои се инспирација, никогаш не ја испуштаме м-р фарм. Билјана Милојковска. Таа е сопственик на една од најмодерните индивидуални аптеки во Скопје- Lifeline Pharmacy. Билјана како сопруга, мајка и сопственичка на сопствен бизнис, ги урива сите стереотипи за жените и нивниот “невозможен” баланс помеѓу кариерата и приватниот живот.
1. Приказната за Вашето превземање на аптеката Лајфлајн е познато само на малкумина, би сакале ли да ја споделите со нас?
О: Тоа беше пред 6 години, поточно 2015 година. Аптеката која денес е во моја сопственост, отсекогаш била моја матична аптека, и со тогашната сопственичка, инаку прекрасен човек со големо искуство достојно за почит, знаевме на шега да кажеме доколку некогаш реши да ја продаде аптеката, да ми ја понуди прво мене, познавајќи ја мојата желба за сопствена аптека иако тогаш работев нешто многу поразлично од менаџирање на една таква здравствена установа. Кога ми ја соопшти одлуката за нејзиното продавање, прифатив да ја превземам без размислување. Љубовта и енергијата беа преголеми и приказната почна да се пишува, а еве трае и ден денес, благодарејќи на мојата упорност, но секако и трудољубивоста на останатите вработени во аптеката.
2. Имате прекрасно уреден ентериер на аптеката, што беше Ваша инспирација за дизајнот и што сакавте да постигнете со тоа?
О: Естетиката и деталите секогаш биле дел од мене и сѐ уште се, чувството за тоа или го имаш, или го немаш. Низ дел од патувањата надвор од нашата држава, во очи секогаш ми паѓале и сум се воодушевувала од убаво средени аптеки кои многу се разликувале од нашите. Впечатоците од изгледот на тие аптеки биле моја инспирација за тоа како изгледа денес мојата аптека. Всушност секогаш ми беше предизвик, аптеката со која управувам да наликува на една модерна аптека, слична на аптеките кои сум ги видела надвор од државата. Точно знаев што сакам и со помош на искусен архитект, замислата беше реализирана и аптеката е таква каква што е сега. Сепак, знам сѐ уште да ја надоградам со новини на тема ентериер, затоа што клиент услужен во убава средина секогаш бил, е и ке биде е еден од нашите приоритети во работењето.
3. Доколку би требало да ги рангирате компетенциите на една аптека во средина како што е Скопје, што според Вас би било приоритет:
-локација
-простор
-кадар
-снабденост
-фактор Х ?
О: Дефинитивно на прво место би ја рангирала локацијата , а и искуството истото ми го кажува. Снабденоста и кадарот се исто многу битен фактор за добриот рејтинг на една аптека во една средина како нашата. Просторот е место кој со мала креација може да стане атрактивен во кој сите би се чувствувале пријатно. Сепак постои и фактор Х, тоа е фармацевтската грижа која вклучува комуникација и интеракција на фармацевтот со пациентот при која фармацевтот треба да ги идентификува и процени сите важни здравствени аспекти на кои треба да се обрне внимание кај секој пациент поединечно.
Една убава целина во која се вклопени сите овие горенаведени фактори ја двои една аптека од останатите и со тоа високо котира во средината каде што се наоѓа.
4. Колку според Вас е целисходно поврзувањето на една индивидуална аптека со маркетиншките концепти како што се Betty или Plus Pharma?
О: Маркетиншките концепти се формираат со цел да обезбедат препознатливост преку т.н. алатки за маркетинг кои би требало да и помогнат на една индивидуална аптека да го подигне нивото на своите услуги и со тоа да обезбеди круг на лојални клиенти. Таквите концепти ги обединуваат индивидуалните аптеки во рамките на една држава. Во однос на целисходноста на поврзувањето на индивидуалните аптеки кон некој маркетиншки концепт, одговорот е комплексен, посебно во нашата држава ,во која има неколку ланци на аптеки. Голем дел од сопствениците на индивидуалните аптеки гледаат голема конкуренција во нив и се приклучуваат кон некој маркетиншки концепт со цел препознатливост на пазарот. Мојата аптека исто е дел од еден таков концепт, како таква и ја преземав од претходниот сопственик. Навистина не знам колку е целисходно тоа, меѓутоа знам дека би сакала во иднина да пробам да функционирам како индивидуална аптека во која би ги променила одредени принципи на работа и воедно би го променила и целокупниот маркетинг концепт. Може звучи самоуверено и нескромно но мислам дека и така аптеката ќе работи успешно и ќе се издвојува од останатите аптеки како и досега.
5. Каде според Вас е иднината на аптекарското работење во Скопје, па и во Македонија- дигтализација, сопствена ексклузива или ……?
О: Иднината на аптекарското работење го гледам во повеќе сегменти кои сега почнуваат пополека да се применуваат и кај нас. Сепак, на прво место би ја ставила дигитализацијата односно онлајн продавницата, тоа би значело нарачка и испорака на производите до крајниот потрошувач. Онлајн купувањето го револуционизира начинот на кој купуваме поради бројните предности што ги нуди во однос со класичното купување и одење по продавнаци, апатеки итн. Некои од тие бенефити се комфортот, купување 24/7, подобри цени, поголем избор, дискреција, избегнување на гужви и штедење на времеи, тука неминовно е да се спомне и безбедноста со оглед на пандемијата КОВИД 19 која не надвладува сите последниве 6 месеци.
6. Дали може да ни откриете барем дел од Вашите планови за иднината на Лајфлајн, во која насока би сакале да го развивате својот бизнис?
О: Пред сѐ во иднина аптеката ќе ја задржи својата сегашна професионалност која ни е приоритет. Модерното аптекарско работење со сите основни начела кои ги налага нашата професија остануваат исто битен фактор во нашето понатамошно опстојување.
Мојата улога како фармацевт и управител на аптеката Лајфлајн во иднина ќе биде да креирам подинамичен и поразличен модел на аптека која нема да биде само место за подигнување на бараниот лек.
Во план е и се работи интензивно на тоа да се воведат начини за поголема достапност на производите и услугите кон потрошувачите. Исто, желба ми е да пораснеме во поголема мрежа на аптеки, дефинитивно тоа ми е најголемиот предизвик кој искрено верувам дека ќе го совладам и реализирам во блиска иднина.
7. Која е Вашата тајна за успешен баланс помегу професионалниот и приватниот (семеен) живот?
О: Посветеноста на работата е многу значајна за сопственото задоволство, но и задоволство на потесното семејство. Мегутоа, дефинитивно неопходен е баланс помегу кариерата и приватниот живот. Најголема душевна храна и енергија ми се семејните ручеци и вечери поминати надвор од домот, исто максимално го уживам секој пропатуван миг со моето семејство, тоа се денови посветени само на себеси, децата и сопругот кои ми се огромна поддршка во се што правам на професионално поле. Ме прават среќна и дружбите со блиските пријатели, разговорите и седенките со нив после напорен работен ден, со нив разменувам позитива енергија, тоа ме мотивира да ги игнорирам негативните моменти и проблемите во секојдневниот живот. Не кажувам дека е лесно да се балансира професијата со приватниот, семеен, живот, но со добра организација може да се биде успешен и на двете полиња.

Facebook:
https://www.facebook.com/lifeline.apteka
Instagram:
https://www.instagram.com/lifeline.pharmacy/
Web:
http://lifeline.mk/
