Интервју со д-р спец. Рашела Петковска, ПЗУ Дентиција

По повод Меѓународниот Ден на Жената 8-ми март, агенцијата Модерм Маркетинг направи интервју со почитуваната д-р спец. Рашела Петковска, основач, сопственик и управител на стоматолошката поликлиника Дентиција од Гевгелија.
Ние сме горди што имаме прилика да соработуваме со неа, а ако имате потреба од инспирација или едноставно сакате да почувствувате восхит за постигнувањата на една наша сонародничка, читајте подолу.
Со што се занимавате?
Јас сум др стоматолог, спец. ортодонт.
Како би го опишале она што го работите со само една реченица?
Креатор на здрава, природна и среќна насмевка.
Како изгледа една Ваша обична работна недела?
Предизвикот да се работи со пациенти,а во исто време и да се води тим од успешни лекари е голем и ја прави секоја работна недела посебна и исполнета со обврски од рано наутро. Тоа подразбира редовна работа со пациенти, состаноци, контакти со соработници, континуирана едукација.
Какви беа Вашите почетоци?
Моите почетоци беа далечната 1999 година во Медицински Центар Гевгелија, за во 2000-та да започне со работа Дентиција, општа ординација со еден доктор, денес Поликлиника со 8 доктори, од кои 5 специјалисти и 3 општи стоматолози.

Што Ви се допаѓа во Вашата работа?
Финалниот резултат и искрената насмевка на пациентите по завршениот третман се моја најголема награда повеќе од 20 години.
Што не Ви се допаѓа?
Не ми се допаѓаат нереалните желби на некои пациенти инспирирани од слики на насмевки од инфлуенсери од Instagram.
Кој е Вашиот најголем предизвик?
Желбата постојано да се нудат најновите светски стоматолошки трендови, континуираната едукација во странство се истовремено и мојот најголем предизвик во работата.
Што Ве исполнува?
Работата, колегијалноста.

Каков совет би им дале на оние кои размислуваат за насочување кон оваа професија?
Да веруваат во себе, максимално да се посветат на науката и континуирана надоградба на знаење и вештини, тоа води сигурно кон успех.
Кои се главните бенефити поврзани со Вашата работа?
Работата со луѓе, решавањето на нивните проблеми поврзани со денталното здравје, трансформацијата на насмевката која на моите пациенти им го менува животот, е она што ме исполнува и мотивира за уште поголеми достигнувања. Преубаво е чувството некој да го направиш среќен.
Колку слободно време имате?
Со добра организација има време за сѐ.
Која е најголемата предрасуда што луѓето ја имаат за Вашата работа?
Стравот од болка, кој најчесто е неоправдан.
Кои се Вашите цели и соништа за иднината?
Мои желби и соништа се поголема дигитализација во стоматологијата и побрз развој на регенеративната стоматологија. Зарем не е возбудливо да се мисли дека доколку ги изгубите Вашите заби можеби нема да треба да имате вештачки туку да Ви израснат нови заби?
