Нови трендови

Тешко е да издвоиме моменти од здравствениот маркетинг кои ни оставија посебен впечаток во изминатата, 2021 година. Сепак, се одлучивме за само 3, кои сметаме дека ќе претставуваат своевиден тренд и во годините кои следуваат:

Зголемен број и обем на работа на online аптеките

Делумно како последица од пандемијата, подемот на online аптеките кај нас е несомнено интересна појава на здравствениот пазар. Како и да е, предизвикот не е во тоа колку online аптеки има во моментов, туку колку ќе има за 3 или 5 години од сега. Поддршката од фармацевтските куќи и веледрогериите, преку преференцијални трговски услови за online аптеките е првиот пресуден момент, а вториот зависи од самите аптеки, односно како ќе ги управуваат односите со корисници. Третиот и клучен фактор е маркетинг поддршката, во која за сега правилно инвестираат многу мал број од постоечките online аптеки.

Black Friday

Без лажна скромност, кога пред уште 3-4 години, додека со тимот кој сега е јадрото на Модерм сѐ уште бевме in-house во фармацевтската индустрија, за прв пат организиравме Black Friday распродажба за медицинска козметика и додатоци на исхраната, целата тогашна фела се крена на нозе “ова не е бела техника” “на што личи ова” и слично. Еве сме – 3-4 години подоцна: речиси и да немаше фармацевтска куќа, поголема физичка или online аптека која не спроведе Black Friday, Small Business Saturday или Cyber Monday со попуст. Посебно сме горди затоа што минатата година за нашите клиенти успеавме во само 4 дена да обезбедиме рекордни продажби преку овие акции. Ние не ги следиме трендовите, ние ги создаваме.

Хибридни настани

Целосно виртуелните настани имаат недостатоци кои организирањето на т.н. хибридни настани се чини дека ги компензираат, па и надминуваат – но не само виртуелните, туку и целосно физичките настани. Од гледна точка на буџет, хибридните настани се дефинитивно поевтини од целосно физичките настани, а сепак не многу поскапи од целосно виртуелните настани. Критериумите за физичко присуство на хибриден настан се предизвик, но нашето (позитивно) искуство докажува дека постојат начини како организаторот вешто да ги испочитува сите и да не се замери со никој од учесниците. Исто така, радува фактот дека има сѐ поголем број конференциски простори со најсовремена техничка опрема и обучен персонал за спроведување на ваков вид настани.

Иако не би сакале да се впуштаме во неблагодарни прогнози на што посебно да се обрати внимание во 2022 година, всушност имаме своевиден список на желби за пополнување на празните места со она што дефинитивно недостасува или не е доволно развиено на нашиот здравствен пазар:

Post-buy (after sale) support

Односно – грижа и поддршка за корисниците / пациентите. Здравствените институции кои ќе инвестираат во правилно управување на односите со корисниците на нивните производи или услуги ќе бидат оние кои ќе се стекнат со најлојалната клиентела. Воедно, повратните информации добиени од клиентите на ваков начин претставуваат бесценета алатка врз основа на која може да се планира одржлива иднина за здравствената институција. Нашата агенција може многу да придонесе во овој контекст, на повеќе основи.

Програми за лојалност на корисниците / пациентите

Постоечките програми во најголем дел треба одново да се осмислат. Апсолутно позитивен пример од 2021 година беа аптеките Дател Фарма од Скопје кои обезбедија 10% попуст за сите здравствени работници и приматели на социјална помош, со приложен документ за идентификација односно потврда, како и одредена приватна болница која обезбеди доживотен попуст на сите услуги за децата родени таму.

Добро информирани купувачи / пациенти

Искрено би сакале да го видиме ова и кај нас, или барем некаков клучен исчекор во оваа насока, но имајќи во предвид дека ова зависи од инстанци како што се здравствено образование односно здравствена култура, сѐ што можеме да направиме е да се надеваме и да се обидеме колку што е во наша можност да придонесеме за поткревање на здравствената свест и совест на населението.

Дополнително приватно здравствено осигурување

Доцниме во секој поглед, посебно во сегментот на денталната медицина. Видете ја нашата претходна статија на темава, на следниов линк.

Рехабилитација

Малку внимание е посветено врз рехабилитацијата на пациентите, самостојно или како неизоставен сегмент од здравствениот туризам. Охрабруваат најавите дека одредени клучни играчи на пазарот веќе извесно време работат на овој предизвик.

Аналитика

Хронично недостасуваат јавни и лесно достапни аналитички податоци за формирање правилни стратегии и донесување издржани одлуки, како во приватниот сектор, така и во креирањето на јавно-здравствените политики. Доброволното и бесплатно споделување податоци се чини дека сѐ уште е еден од најголемите предизвици за македонското здравство воопшто, без да се има визија за долгорочните ползи кои би ги имале сите, а најповеќе пациентите.

Окрупнување на приватното здравство

Наш објективен впечаток е дека приватниот здравствен сектор во моментов е претерано сегментиран и искрено се надеваме дека допрва ни претстојат здружувања, односно окрупнувања на самостојните ординации во сѐ поголеми и поголем број поликлиники, со квалитативно и квантитативно поширок опсег на услуги за нивните пациенти. Сакаме недвосмислено да подвлечеме дека агенцијата Модерм е решително подготвена да инвестира во овој развој со сите расположиви капацитите.

Архиви