Интервју Марија Стојанов

Како почеток на нашата кампања- Инспирација на денот, чија цел е преку споделување на искуството на успешни претприемачи (со посебен акцент на жените), да ги мотивираме сите оние на кои што им треба малку повеќе убедување дека не треба да се откажат од своите соништа, ја замоливме М-р Фарм. Марија Стојанов да ги сподели тајните за нејзиниот успех. Како сопственичка на ланецот аптеки Еликсир во Струмица, основани во 1993 година, магистра Марија со нејзиното 26-годишно искуство, е вистинска мотивација за сите оние кои што се двоумат и не знаат од каде да почнат за да ја достигнат посакуваната цел.


1. Имајќи го во предвид Вашето долгогодишно искуство како успешен претприемач, доколку треба да издвоите само неколку совети за секоја, која и да било, девојка или жена што сака да започне свој бизнис, кои би биле тие?

О: Ако треба одговорот да го собереме во една реченица би бил: „Потребно е храброст, идеја, посветеност, детална анализа, коректни односи, почитување на законските регулативи, сопствени идеи за унапредување и развивање на работата, истрајност, трпеливост и сето тоа да се облече со модерна технологија и да се намириса со современ маркетинг.“ И не звучи баш толку многу нели? Но како? По кој пат?

Досадата е најголемиот проблем на младиот човек. Оној момент кога егзистенцијата му е осигурена, пред него се појавува клисурата на една ужаснувачка и распарувачка досада која повеќето и не знаат сами да ја пополнат.

Полесно е, како Колумбо, да се открие некој друг свет, отколку подлабоко да навлеземе само во еден дел на овој, кој ни се чини дека така добро го „познаваме“.

Знаете – нема свесност, без во еден момент да ја осетите како горко искуство.

Да се биде фармацевт – со единствена страст и вокација, значи да се разбере разликата меѓу привидното и суштинското.

Како? Не гребете по површината, влезете внатре. Не се откажувајте лесно, бидете трпеливи и истрајни во тоа што го работите – инстант резултати не постојат или не се вистински.

Што? Има многу. Многу полиња и гранки кај нас се недопрени или само начнати. Направете ги да бидат Ваши, да бидат дел од Вас.

„Будниот“ човек е секогаш управуван од неколку мотиви и неколку „пресметки“, но на крај определбата интуитивно треба да се препознае по љубовната „авто-дијагноза“ и како професија и како личносна зависност. Најважно – да ве ИМА, единствено како човек.

Поточно: Бидете толку храбри за да се служите со сопствената памет!

2. Навлегуваме во веќе второ полугодие откако трае пандемијата со корона вирусот SARS-CoV-2, какво беше според Вас нејзиното општо влијание врз работата на синџирот аптеки Еликсир и што конкретно се промени за да се прилагодите на “новата нормалност”?

О: ПЗУ Аптека Еликсир со целиот свој тим од самиот почеток на пандемијата со корона вирусот, како и сите 26 години наназад од своето постоење, безрезервно се става во служба на граѓаните. Сите наши вработени во и надвор од своето работно време ги опслужуваа граѓаните со сите расположливи алатки – телефонски, online, директни совети за заштита и превенција на здравјето, со редовни и вонредни набавки во отежнати услови, со достава до нивните домови и да не заборавиме дека бевме и сеуште сме нај достапните здравствени работници, кои не се штедат и целосно се ставаат постојано на располагање за потребите на граѓаните.

Од друга страна сме и едни од нај изложените, заради големиот број контакти, така што континуирано постои доза на стрес и загриженост кај секој наш вработен, но тоа во ниту еден момент не го почувствуваа нашите пациенти. Напротив, во ова „нова нормалност“, секој наш корисник беше обезбеден со сите потребни лекови, заштитни средства, препарати за подобрување на имунитет, совет, по некој утешен збор и насмевка. Им благодарам на вработените за тоа, покажавме сите заедно дека сме значаен сегмент од здравствениот систем, дека можеме да се справиме и во несекојдневни услови, ги подигнавме мерките за заштита на повисоко ниво за сопствена заштита и заштита на нашите пациенти, создадовме интернет аптека и специјализиран дигитален маркетинг, а награда за тоа како и секогаш е задоволството од корисниците на нашите услуги.

Како и во сите дејности и кај донесе многу промени пандемијата, се прилагодуваме на истите, а можеби и некои од нештата ги гледаме на поинаков начин.

„Боговите ни ја подарија паранојата за да можеме од време на време да видиме и малку од вистината“.

3. Имате одлична интернет аптека која сѐ уште е во развој, која беше главната причина да започнете со онлајн продажба и дигитален маркетинг? Дали според Вас ова е нов тренд, до некаде поттикнат од пандемијата; каде ја гледате иднината за ваквиот начин на работа во аптекарскиот сектор и во која насока претпоставувате дека ќе се движи?

О: Можеби ќе ви звучи малку контрадикторно почетокот на одговорот на ова прашање, но моето длабоко уверување е дека ништо не може да ги замени-директниот контакт, непосредната комуникација, разменувањето на погледи, говорот на телото, изразувањето сочувство, бојата на гласот, насмевката на лицата и енергијата која може да му ја предадете на вашиот корисник.

Но, во исто време сме и многу свесни за модерниот начин на живеење, брзиот животен тек, глобалната дигитализација и сосема поинаквите навики на луѓето-време од кое нема враќање назад. Со сето тоа , уште пред појавата на пандемијата, неминовно се наметна потребата од еден поинаков пристап до нашите корисници и создавање на интернет аптека и современ дигитален маркетинг.

Вистина е дека можеби пандемијата само ги забрза работите во таа насока, но потребата за истите беше присутна многу порано.

За мене интернет аптека и дигитален маркетинг се начин да се биде поблиску до поголем број корисници, една од алатките со кои ќе обезбедиме поквалитетна и посеопфатна фармацевтска грижа.

Со можноста за интерактивна дигитална комуникација, успеавме да допреме до поголем граѓани, да одговориме на повеќе нивни барања, да понудиме решенија и совети и на оние кои можеби претходно и не би ги побарале од нас, да ги поттикнеме на директна средба со нас или да ги упатиме во соодветна здравствена установа доколку нивниот проблем го бара тоа.

Иднината на ваквото работење го гледам во специјализиран маркетинг, со луѓе кои се соодветни во таа област, во развивање на комуникацијата со пациентите, во персонализација и следење во двете насоки-како пациентите ги следат нашите новости, совети, препораки и промоции, така и ние да ги следиме нивните потреби, проблеми, режим на терапија и навремено преземање мерки за нивна заштита и превенција на нивното здравје и убавина.

Наша цела е да создадеме модерен специјализиран фармацевтски маркетинг и интерактивна интернет аптека од кои бенефитот ќе биде на заедничко задоволство - и наш и секако пред сѐ на корисниците на нашите услуги.

4. Како ја менаџирате рамнотежата меѓу работата и приватниот живот и која е

Вашата формула за успешна деловна жена, сопруга и мајка?

О: Можеби тука очекувавте некој одговор од типот: „Се трудам да одвојам доволно време за своето семејство. Правам се работата да не ми смета во тоа. Секое слободно време го користам максимално да му се посветам на семејството, да бидам со децата….“

Еее тоа е формула, но дали постои навистина таква формула ? Јас знам едно, ако ги внесеш сопругот и децата во формула, можеш да одговараш како погоре кажаното, но дали тоа те прави успешна сопруга и мајка или е само уште едно клише во кое и самите се убедуваме дека е така?

Сопругот и децата се чувства, разбирање, љубов, грижливост… За тоа нема формула, туку го даваш безрезервно, во секое време и без никаква математика – толку.

Така додека некои се заколнуваат на незаситна потрага по амбиција и краткотрајна моќ, во безумноста и доминацијата на девијантното – и општественото и сопственото, ние се стремиме да живееме тивко и мирно, инаетејќи се на театралноста и многугласието, нудејќи мир, утеха, ведрина, насмев и залек на секој од нас и на секој добронамерник, кој ќе чукне на нашата порта.

Дали сме постигнале рамнотежа??? – Којзнае!

5. Што можат пациентите од Струмица да очекуваат од синџирот аптеки Еликсир во иднина, дали би сакале да ни откриете барем дел од Вашите планови?

О: Дозволете ми да го завршам ова интервју со неколку реда за Еликсир, кои секако ќе зборуваат и за иднината и за сегашноста на Еликсир.

  • Еликсир ќе постои овде за Нив – за оние од чија насмевка и здравје зависи среќата и судбината, сочувството и немоста на ближните;
  • Еликсир ќе постои за облагородување на мислењето и определувањето, почитување и толерирање на самоослободувањето и дисонантниот резон;
  • Еликсир ќе постои заради дијалектиката на универзалниот, традиционален и современ ум, заради возвишеното добро на целината…

Рамнодушноста на средината кон многу истакнати поединци е стара прикаска, но – да се живее за Другите не е само закон на должноста ами и закон на среќата.

Оставете да се случи!

https://eliksir.mk/

https://www.facebook.com/eliksirstrumica/

https://www.instagram.com/eliksirapteki/

Архиви