Интервју Верче Додовска
Оваа недела, дозволете да бидете инспирирани од уште една жена лидер – Верче Додовска, Раководител на сектор комерција во СЛАВЕЈ А.Д. Скопје.
Верче, со своето искуство, смирен пристап, професионалност и шарм во изобилие, докажува дека скалилата до успехот можеби се тешки, но се искачуваат полесно со правилната поддршка и упорност. Да се биде раководител на комерција во компанија која што постои 70 години е задача која што бара многу; многу упорност, многу разбирање, многу трпение, многу грижа и подеднакво многу храброст, одлучност и лидерски способности, задачи на кои што Верче неуморно одговара со насмевка на лицето.
1. Како ги балансирате работните и животните одговорности?
О: Тежок е предизвикот да се биде успешен на двете полиња. И покрај љубовта и посветеноста кон нив, потребна е голема енергија за да се балансира. Ниту еден успех на професионално поле не е можен без поддршка од семејството. Сопругот и децата, во секој момент на мојот професионален развој биле безрезервна поддршка како и поттикнувачи да продолжам понатаму. Секое ниво на професионален развој има потреба од поголема посветеност, и без таа поддршка нема успех. А за тоа сум им бескрајно благодарна.
2. Дали жените во Вашата професија имаат потешкотии да бидат унапредени?
О: Не постои ограничувања од таков вид. Напротив, се радувам дека и во оној дел каде што имавме само машки колеги, полека се менува структурата.
3. Како женски лидер, која беше најзначајната бариера во Вашата кариера?
О: Се согласувам дека како жена лидер, не е доволна само храброста за реализирање на одредени проекти. Имавме еден проект кој и покрај потребата и желбата за негова реализација, организациски беше тешко да се спроведе. И тогаш, само тогаш помислив, колку ќе беше полесно да се спроведе реализацијата ако бев машко.
Но правилната поддршка од сите инволвирани аспекти, гарантира успех, а бариерата жена, не постои.
,4. Дали сте се соочиле со отпор кога требало да раководите со мажи?
О: Иако во одредени ситуации сум почувствувала некој прикриен отпор, не би кажала дека се однесува на отпор како жена, туку повеќе како разлика во начин на размислување за дадена тема. Кога се има можност да го составиш тимот, се надминува и таа разлика. Моменталната позиција ми е во целосно машки тим. Во турбулентноста на нашето секојдневие значајна е нивната поддршка која придонесува во надминувањето на сите предизвици. Се радувам на секој наш нов чекор, невозможен без нив.
5. Кој Ве инспирираше, зошто и како?
О: Мојата прва работна позиција во нашата компанија, ми даде една поинаква перспектива на животот.
Искрено, на почетокот постоеше голема неизвесност кај мене, дали ќе можам да бидам исполнителна на една толку комплексна задача. Но се случи спротивното, добив животен мотив. Уште на самата обука се сретнав со една поинаква перспектива на животот. Луѓето кои ги сретнував, нивните реални проблеми, начинот на кој се, “носат” со тие проблеми, нивниот позитивен дух се повеќе од инспирација. Соработката со нашите клиенти не значи само професионален однос, туку континуитет кој трае со години. Се дружиме, славиме разни настани.
А тоа е најголемиот успех во оваа работа. Кога стануваш дел и од приватниот живот на твоите клиенти. Дел од едно големо семејство.
6. Каков совет би Ви дале на следната генерација жени на раководни позиции?
О: Посветеноста е клучен сегмент во било која позиција, приватна или професионална. Вложениот труд секогаш дава резултати. Истрајноста при препреките. Почит и лојалност во тимот.
7. Како изгледа да се работи во Славеј?
О: Ние сме компанија која постои на овие простори веќе 70 години. Тоа зборува многу за нас.
Трудејќи се да ги следиме турбулентните промени на секојдневието, макотрпната работа и иновативноста во решавањето на предизвиците се неизбежни. Но, крајниот ефект е незаменлив.
Нашите пациенти се во дијапазон од најлесна до најтешка патологија. Од спортски повреди до тешки конгенитални малформации или трауматски повреди со тешки последици. Да се врати насмевката кај личност која се соочила со одреден вид на функционално пореметување, претставува најголемиот бенефит на нашето работење.
8. Што мислите за маркетингот и посебно дигиталниот маркетинг во “новата реалност”?
О: Современиот бизнис не може да се замисли без маркетинг. Иако до пред неколку години нашиот став беше малку скептичен како и колку треба да сме присутни во дигиталниот маркетинг. Понудата на нашите производи бара доста компетентност и стручност. Многу е важен професионалниот пристап во медицинскиот маркетинг. Социјалните мрежи и веб порталите се преплавени со реклами кои не нудат доволно информации за понудените производи.
Благодарение на нашиот ,,маркетинг-консултантски тим се трудиме да постигнеме врвна професионалност.