Скрининг за слух на новороденчиња!
Ви го претставуваме Natus MADSEN AccuScreen, новина во пакетот дијагностички алатки на специјалистичката ординација за уво, нос и грло Примариус Д-р Мери! Овој најсовремен уред е дизајниран да го рационализира скринингот на слух кај новороденчиња, нудејќи брзо, сигурно и неинвазивно испитување за најмладите пациенти.
AccuScreen комбинира технологии за отоакустични емисии (OAE) и аудитивен одговор на мозочното стебло (ABR), обезбедувајќи сеопфатен преглед за само неколку минути. Неговиот лесен, рачен дизајн, со тежина од само 240 грама, го прави најлесниот комбиниран скрининг во државата. Големиот, интуитивен екран на допир работи како паметен телефон, што го прави лесен и ефикасен за користење.
Со AccuScreen, може да се врши бинаурално, истовремено ABR тестирање, минимизирајќи го времето потребно за испитување и максимизирајќи ја удобноста за бебето. Напредниот алгоритам на уредот овозможува брзи и точни резултати од испитувањето, овозможувајќи да се прегледаат повеќе доенчиња за помалку време, а со тоа да се подобри работниот тек и резултатите од скринингот.
Интервју со прим. д-р Мерзука (Мери) Александрова
- Како би го објасниле значајот на раниот скрининг за дијагностика на оштетувања на слухот кај децата?
Слухот е витален дел од контактот на новороденото со околината и е клучен елемент за развиток на јазикот и говорот, когнитивниот, интелектуалниот , социјалниот и академскиот развиток на детето. Дури и лесен и едностран губиток на слухот може да има штетен ефект врз развитокот на малото дете и неговиот успех во училиште. Сериозноста од последиците од намалениот слух се поврзани со времетраењето на губитокот на слухот кој не се лечи. Созревањето на аудитивниот систем во нормални услови е најинтензивен во првите шест месеци , а завршува до 18 месечна возраст, па пропуштеното време кај децата со оштетен слух никогаш не може да се надокнади. Од тука стратегијата “wait and watch” не може да се усвои за ваквите состојби и да се чека детето да прослуша. Од тука произлегува и важноста на скринингот на слухот кој е единствен начин за навремена детекција и интервенција на новородените деца глуви или со тешко оштетување на слухот.
- Кој е новиот уред што го набавивте за скрининг на слухот и како функционира?
Апаратот за скрининг на слухот овозможува објективно физиолошко мерење на слухот кај малите деца ,а се базира на фактот дека здравото полжавче во внатрешното уво во кое се сместени слушните сетилни клетки при дразба со звук реагира и одговара со ехо кое може да се регистрира со осетлив микрофон поставен во надворешниот слушен канал. Тоа ехо се нарекува отоакустични емисии.
- Колку време е потребно за да се изврши испитување со новиот уред и колку е тоа прецизно?
Апаратот за кратко време (10 до 60 сек.) автоматски ги покажува резултатите. Скринингот на слухот со ОАЕ е многу сензитивен (85-100%) и многу специфичен (91-95%) тест.
- Кои се најчестите проблеми со слухот што ги откривате кај децата со помош на овој уред?
Методата на ОАЕ дава процена за интегритетот и функцијата на слушните сетилни клетки сместени во полжавчето на внатрешното уво, а добро е познато дека губитокот на слухот и глувоста во најголем број од случаите е последица на оштетување на сетилните клетки. Важноста на скринингот на слухот е уште поголема ако ги земеме во предвид податоците од Американската Академија за педијатри која после воведување на скрининг на слухот, во далечната 1999 година, објави дека обострана тешка редукција на слухот има кај 1-3 на 1000 живородени деца и 2-4 на 1000 новородени од единиците за интензивна нега.
- Како се спроведува процесот на скрининг и дали е безболен за децата?
Испитувањето сосема е безболно, брзо и објективно. Во надворешниот слушен канал се поставува мала сонда и автоматски се аплицираат низа тивки звуци. Апаратот автоматски за кратко време ги покажува резултатите.
- Што е следниот чекор ако тестот покаже проблем со слухот?
Неуспехот на скринингот на слухот не мора да значи дека детето има губиток на слухот. Не сите деца го поминуваат скринингот за прв пат. Во таквите случаи скринингот се повторува најдоцна до еден месец од првиот тест. Доколку не го помине тестот и по втор пат детето се упатува за испитување со методата на аудитивни евоцирани потенцијали на мозочното стебло (БЕРА).
- Дали родителите треба да се загрижени ако нивното дете покаже знаци на проблеми со слухот на рана возраст?
Родителите треба да се информираат за значењето и улогата на слухот како витален дел за контакт со околината и клучен елемент за интелектуалниот развиток на детето. Да им се објасни потребата од неопходни контролни прегледи доколку се утврди било кој степен на оштетување на слухот, а се со цел за навремена терапија/интервенција.
- Како новиот уред го подобрува вашето работење и квалитетот на услугите што ги нудите?
Секако, со оваа метода се подобрува квалитетот на работа во ординацијата. Имено објективната процена на слухот во раната детска возраст во комбинација и со другите методи кои се изведуваат во ординацијата ќе ни овозможи навремена, попрецизна дијагноза и доколку е потребно навремено упатување на пациентите за натамошна интервенција и рехабилитација.
- Кои се придобивките од редовниот скрининг на слухот кај децата?
Ако знаеме дека степенот на развиток на говорот и јазикот е директно пропоционален на тежината на редукција на слухот и на временското каснење на детекцијата, дијагнозата и интервенцијата тогаш слободно можеме да кажеме дека скринингот има огромно значење за навремена рехабилитација и третман на децата со оштетен слух, а тоа значи дека тие деца ќе имаат комуникациски, психосоцијални вештини и интелектуален развиток еквивалентен на нивните врсници.
- Кои совети би им ги дале на родителите за одржување на здрав слух кај нивните деца?
Треба да им се објасни на родителите дека од витално значење за одржување на добар слух кај нивните деца неопходно е имунизирање според календарот за вакцинации, регулирање на примањето на одредени лекови и нивото на бучава на која се изложени.
Секако, за адолесцентите би ги советувале родителите да поразговараат со децата да ја намалат јачината на звукот кога слушаат телевизија или музика и да направат пауза најмалку од еден час кога слушаат музика со слушалки.
Слични статии
- Интервју со Славчо Видински, менаџер на Поликлиника Мед-Х Дијагностика
- Превентива 99: лекуваме со грижа, водиме со иновација!
- Ексклузивно интервју со сопствениците на Поликлиника Манолеви
- Разговор со ас. д-р Димитар Калчовски на тема гинекологија, акушерство, генетика и…
- Интервју со д-р спец. Рашела Петковска, ПЗУ Дентиција
- Интервју д-р. спец. Радица Грубовиќ
- Интервју м-р фарм. Јасмина Калчовска